Моето млеко: најдобрата храна за моето бебе

0 - 12 месеци
Моето млеко: најдобрата храна за моето бебе

Мајчиното млеко има сè што е потребно: совршено ги задоволува сите нутритивни потреби на штотуку роденото бебе, а неговиот состав се менува како што минуваат месеците и како што се менуваат потребите на бебето.

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува само доење од раѓањето на детето, односно доење без давање на какви и да е други течности или храна во текот на првите 6 месеци од животот на детето. По шестиот месец, СЗО препорачува да се продолжи со доењето (со постепено воведување на друга храна), сè до втората година на детето, па и подолго.

Мајчино млеко

Со доењето, на своето дете му обезбедувате оброк кој точно му одговара на интензивниот развој што се случува во неговиот мал организам во текот на првите неколку недели. Мајчиното млеко се приспособува кон моментните потреби на детето, почнувајќи од породувањето. Доказ за тоа се мајките чии деца се предвремено родени. Мајките на тие деца произведуваат млеко богато со есенцијални масни киселини, со што се задоволуваат потребите на предвремено роденото дете, со цел – созревање на мозокот.

Три фази на мајчиното млеко

Како што минуваат деновите и неделите, така се менува и составот на вашето млеко.

Првите неколку дена: по породувањето, бебето се храни со густо и жолтеникаво млеко кое лесно се вари во стомакот. Тоа е колострум, што мајката го произведувала од второто тримесечје од бременоста. Богата со протеини и со антитела, таа течност претставува избрана храна за новороденчето. Исто така, им помага на бебињата во создавањето на првиот измет (кој се нарекува мекониум). Колострумот треба да му се даде на детето таков каков што е и тоа колку што е можно порано. Не грижете се за малото количество произведен колострум (меѓу 20 и 40 ml на оброк): тоа прецизно им одговара на потребите на бебето по раѓањето.

Трет/четиринаесетти ден: колострумот се заменува со  „преодно млеко“. Тоа е точност со портокалова боја, со намалено количество протеини и побогата со лактоза (шеќер), липиди (масти) и со калциум. Ова му одговара на она што обично се нарекува „надоаѓање“ на млеко, односно почнува „производството“ на млеко во големи количества. Како ќе знаете дека токму тоа се случува? Ќе чувствувате дека дојките ви се врели и цврсти, па дури ќе почувствувате и потпукнување. Важно: колку повеќе доите, толку повеќе млеко ќе имате!

На крајот од втората недела: вашето млеко е „зрело“. Тоа е синкаво-бело и лесно проѕирно, а содржи сè што е потребно за растење на бебето: вода, протеини, јаглеродни хидрати (од кои 90% е лактоза, која е битна за развојот на мозокот), масти, (вклучително и есенцијални масни киселини), минерали (калциум, железо, фосфор и сл.) и витамини од секоја група. Се препорачува земање на додатен витамин D (во текот на бременоста) и на витамин К (по породувањето). Да се провери со својот лекар по општа практика или со гинеколог.

Сè во едно, добро урамнотежен оброк

Верувале или не, мајчиното млеко ја менува бојата и конзистенцијата не само од недела во недела туку и во зависност од периодот на денот, па дури и во текот на едно хранење!

Млекото е најбогато со лактоза наутро, со масти околу пладне, а со протеини навечер. Токму затоа е важно да се препушти бебето да се храни на негово барање во однос на зачестеноста и на траењето, за да го добие полниот распон на нутриентите потребни за неговиот раст и развој.

Вашето млеко се приспособува кон променливите потреби на вашето бебе во текот на доењето. Во почетокот течноста е речиси проѕирна и посебно богата со вода и со шеќер, за да се смират гладот и жедта на бебето. Како што бебето цица, и млекото станува сè погусто и побогато со масти и протеини, за да ја овозможи енергијата потребна за развој. На крајот од доењето нивото на мастите во млекото е зголемено четири пати, за да се задоволи малиот ненаситник. Благодарение на чувството на ситост, детето ќе научи да го регулира својот апетит. Од тие причини е важно да се остави бебето да цица сè додека самото не ја испушти брадавицата, што може да значи дека е време за преминување на другата дојка или дека оброкот завршил!

Мајчиното млеко исто така се приспособува и кон потребите на мајката

Очекувате близнаци? Доколку одговорот е ДА, нема потреба да се грижите дали вашето тело може да произведе доволно млеко за две бебиња одеднаш. Ќе произведете речиси двојно количество млеко. Доколку од некоја причина не сте во можност да доите од двете дојки, дојката со која доите ќе го удвои својот капацитет. Сè додека одржувате урамнотежена исхрана, ќе бидете идеално подготвени за потребите на бебето. Запаметете дека со консумирање кравјо млеко не го зголемувате своето сопствено производство!
Правило е водството да му го препуштите на своето бебе кога станува збор за доење. Мора да му верувате и на бебето и себеси!