Како да започнете успешно да доите?

Како да започнете успешно да доите?

Многу мајки очекуваат дека веднаш по породувањето ќе воспостават лактација. Кај некои навистина доаѓа млеко по само неколку часа, а кај некои треба да поминат и неколку денови. Доколку не сте ги добиле сите потребни информации за успешен почеток на доењето, следете ги овие стручни совети :

Кога се очекува  надоаѓање на млекото?

Надоаѓањето на млекото е индивидуално, може да започне по неколку часа или по неколку денови по породувањето. Подготовката за доење започнува од втората половина на бременоста. Градите натежнуваат па мора да се носи памучен градник, кој нежно ќе ги придржува дојките. По туширањето со крпата треба добро да се избришат брадавиците. Така ќе се испупчат, ако се вовлечени и ќе се зацврстат. Пред породувањето може да се појави колострум (првото млеко).  Не треба  да се цеди, туку само да се одржува хигиената на градите.

Дали мајката треба да ја поттикне лактацијата со пиење на повеќе течности, ставање на топли облоги на градите и слично?

Неколку часа по породувањето бебето треба да се стави на градите – тоа е најдобар начин за да се стимулира лактацијата. Бебето најдобро знае да го направи тоа. Масирајте ги градите со нежни движења и измолзете ги пред секои доење. Така ќе го омекнете просторот околу ареолите каде се набрекнати млечните канали, а брадавицата ќе се испупчи и бебето ќе може подобро да ја фати. По доењето повторно испразнете ги градите.

Најдобро е да побарате помош од стручно лице, или лице кое има искуство со доење. Исто така консумирајте повеќе течности: топли пијалоци, супа, чај за доилки.

Што точно треба да прави жената за да спречи проблеми?

Дојките треба редовно да се празнат, да се ставаат ладни облоги и секако, бебето да се дои редовно. По доењето испразнете ги градите и продолжете со ладни облоги. Намалете го внесувањето на топли пијалоци. Пијте вода само кога сте жедни.

Како да се спречи појавата на рагади?

Негата на градите е многу важна и в бременоста, а посебно во периодот на доење. Бебето ставете го на дојката која е подготвена за доење, бидејќи така полесно ќе ја прифати брадавицата. Подојот не треба да се пролонгира, доволно е бебето да цица ефективно околу 20 минути. Така нема да дојдете до ситуација да ја гризе брадавицата и да се појават рагади. По подојот брадавиците намачкајте ги со млеко и оставете така да се исушат. Ставете градник до следниот подој. Ако бебето не ја прифаќа убаво брадавицата, тоа значи дека не се создава добар вакуум и дека ќе ја оштети брадавицата. Повторете ја постапката додека убаво не ја прифати дојката.

Како да се спречи појавата на маститис?

Маститисот се појавува кај жени кои имаат хиперлактација. Во тој случај градите треба редовно да се празнат, да се ставаат ладни облиги и да се редуцира внесувањето на течности додека не се воспостави рамнотежа. Ќе го препознаете по тоа што дојката ќе биде црвена, набрекната и врела. Понекогаш ќе добиете и покачена температура.

Што ако млекото не дојде и по два – три дена?

Во почетокот на бебето му е доволна сосема мала количина на колострум за подој. Бебето ретко се прихранува, исклучиво по подојот и тоа со адаптирано млеко, кое се дава со лажиче.

 

Слични статии

 

Доењето е добро и за мене! 

 

Доење и кариес

 

10 златни правила забезбедност при приготвувањето на храната на доенчињата